Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски по синоќешната победа на Македонија над Германија изјави дека ова е како да сме го освоиле Европското првенство.

И додека Македонија се радува, спротивната поразена страна, Германија тагува. Најтиражниот весник Билд му порача на четирикратниот светски првак дека е подобро да не игра на претстојното ЕП.

„Не мора ни да играме на Европското првенство ова лето. Со патетичен настап, германскиот национален тим се посрамоти себеси до коска и изгуби со 1:2 од Северна Македонија. Да, од Северна Македонија! Фудбалско џуџе, 65. селекција на светската ранг-листа успеа да направи четирикратниот светски првак да изгледа смешно“, пишува „Билд“.

Македонија истовремено ја прекина низата на Германија од 35 натпревари без пораз во квалификациите за светските првенства, што траеше од 2001 година, кога изгуби од Англија.

„Тешко е да се објасни ова. Игравме добро во првите 20 минути, но ако веќе не знаеш да дадеш гол, барем потруди се да не го примиш. Нешто не штимаше тука“, изјави германската фудбалска легенда Ули Хенес како коментатор на „РТЛ“.

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ вели дека поразот од Македонија звучи како првоаприлска шега, ама не е.

„Ова беше горчлива фудбалска реалност. Националниот тим мора да објасни како се случи овој срам“.