Борче Пешевски е име и презиме за кое допрва ќе се зборува. Млад човек со љубов кон уметноста. Умерен е во зборовите, скромен во однесувањето, но бескраен во талентот. Тој остава делата да зборуваат и за себе и за него. Портрети од и со душа нацртани.

Ако не сте имале среќа да го гледате Борче како црта, можете да го направите тоа следејќи го неговиот Инстаграм профил, веруваме дека ќе бидете фасцинирани и од леснотијата со која го прави истото, a во продолжение имате можност да дознаете малку повеќе за него.

Како се роди љубовта кон уметноста? Дали постоеше пресуден момент на одлука?

Морам да признаам дека како многу мал пред школска возраст секојдневно пополнував по еден мал блок со цртежи. Цртав се што ми беше интересно, мртва природа,животни, по некој лик, а нејчесто графити. Од моите 7 гогдини па се до 16 години немав никаква навика да земам да нацртам нешто. Пресудниот момент беше кога мојот другар, кој е заедно со мене од моето детство, не ми побара да му направам портрет. Тој секогаш знаеше да ми каже дека мора да почнам да цртам и да го искористам талентот. Благодарност на неговата упорност го послушав па цртањето ми стана моја пасија.

Дали е тешко да се биде уметник во време кога уметноста сѐ помалку се цени?

Никако не е тешко, веќе добро е позната фразата дека се што работиш со љубов не може да биде тешко. Искрено од моја гледна точка мислам дека се повеќе од младите се заинтересирани да подарат некому портрет.

Се случува ли некогаш да почувствуваш недостаток од инспирација?

Секако, кога сум изморен секогаш одвојувам еден час да одморам во потполна тишина за да можам да се фокусирам на работата. На многумина им изгледа многу едноставно, но цртањето бара многу голема посветеност.

Како знаеш кога еден цртеж или карикатура, дело е готово? И како дека е добро?

Јас се обидувам да го доловам секој детал, кога ќе го споредам со фотографијата од која го гледам доколку сум ги вметнал сите детали знам дека е готово, иако најчесто многу од клиентите немаат можност да ми испратат чиста фотографија со детали па морам да се помачам малку повеќе за да изгледа добро.

Те нацртал ли тебе некој? Или можеби си се нацртал и сам…?

Секако, моите пријатели секогаш биле заинтересирани за тоа како цртам па се обиделе да ме нацртаат, но неуспешно. Инаку имам неколку автопортрети изработено секако, чувството е баш пријатно кога сам себе ќе си се изненадиш .

Дали наскоро можеме да очекуваме и изложба?

Во 2017 година бев неочекувано поканет да изложам неколку мои дела во домот на културата во н.Илинден. Морам да признаам дека бев почестен од гестот на директорката на основното училиште „Гоце Делчев“, многу и се допадна ликот на самиот Гоце Делчев кој го имав изработено и побара да го поклонам на училиштето. Со задоволство го направив тоа и без размислување. А како ќе се одвиваат работите во иднина не можам да предвидам, зошто да не, баш би сакал да имам повторно некоја интересна изложба доколку се инспирирам од некоја тема.